Abdula Berisha
01 Февруари 2023•Ажурирај: 02 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за образование и наука (МОН) на Северна Македонија и Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје потпишаа два меморандуми за разбирање за спроведување заеднички активности во образованието и за проектот „Градиме нови мостови“, јавува Агенција Анадолија (AA).
Меморандумите ги потпишаа министерот Јетон Шаќири и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал.
Шаќири во изјава за медиумите рече дека меморандумите овозможуваат продолжување на соработката со мисијата на ОБСЕ во Скопје во активности кои се однесуваат на меѓуетничката интеграција.
„Нашето партнерство предвидува заеднички активности за реализација на проектот „Градиме нови мостови“, кој се реализира со многу генерации ученици. Нивните семејства и наставници лично ги чувствуваат придобивките што ги нуди овој проект“, рече Шаќири.
Тој истакна дека со проектот „Градиме нови мостови“ младите од различна етничка и верска припадност, кои зборуваат различни јазици, меѓусебно се поврзуваат преку бројни наставни и воннаставни активности.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, рече дека меморандумите создаваат рамка за соработка во интегрираното образование и интеркултурализмот.
„Она што го потпишавме денеска обезбедува понатамошна поддршка на мисијата за пилот-програмата иницирана од Градот Скопје за организирање двојазични часови за средношколци. Оваа програма е многу успешна и бевме привилегирани што сме дел од неа подолго време“, рече Вал.
Тој појасни дека во програмата се вклучени речиси 1.000 средношколци и 50 наставници, кои заедно учат и предаваат во осум средни училишта од главниот град.
Вториот меморандум предвидува доделување грантови од Мисијата на ОБСЕ на државните училишта од Северна Македонија за да ја одвиваат наставната програма заедно со училишта партнери кои одвиваат настава на различни јазици.
Вал рече дека проектите ќе обезбедат единствени можности за учениците и наставниците на различни јазици да работат заедно, подобрувајќи ја социјалната кохезија.
Тој, исто така, нагласи дека овие потпишани меморандуми се во целосна согласност со мотото „За луѓето се работи“, што е мотото на претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ.