Shpetim Hiseni
23 Јули 2020•Ажурирај: 24 Јули 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, соопшти дека е поканет како сведок од Специјализираните комори на Република Косово при Специјалното обвинителство со седиште во Хаг, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преку социјалните мрежи, Ахмети, кој истовремено е еден од основачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), напиша:„Владеењето на правото и постигнувањето на вистинска неселективна правда, локална и меѓународна, се моја постојана цел и обврска во целата моја активност.“
„Затоа, Ве известувам дека Специјализираните комори на Република Косово, имено Специјалното обвинителство на Косово, како еден од основачите на ОВК и член на Генералштабот, ме покани како сведок, и јас без двоумење ја прифатив поканата и имам воспоставо конструктивен и соработувачки контакт со властите во Хаг“, рече Ахмети.
„Отсекогаш сум бил поддржувач на неселективната правда и јас сум на располагање на судството за да ја докажам искреноста на ослободителната војна на албанскиот народ пред геноцидот на српскиот режим на Милошевиќ”, додаде тој.
Сепак, Ахмети не прецизираше за кој случај е поканет да сведочи од страна на Специјалното обвинителство, и на кој датум ќе сведочи.
Специјализираните комори досега доставија две обвиненија на потврдување до судија на претходна постапка на Специјализираните комори на Косово во Хаг, едно во февруари, и друго во април.
Во едното обвинение објавено на 24 јуни, претседателот на Косово, Хашим Тачи, поранешниот спикер на косовскиот Парламент, Кадри Весели, и други, се тврди дека се „кривично одговорни за приближно 100 убиства“, додека овие кривични дела, според истиот извор, вклучуваат стотици идентификувани жртви Албанци, Срби, Роми и политички противници.
Од 13 до 16 јули, Тачи беше на разговор четири последователни дена во Специјалниот суд во Хаг.
Специјализираните комори имаат шест месеци да одлучат дали да го потврдат или отфрлат ова обвинение.