Riyaz Khaliq Khaliq
19 Септември 2023•Ажурирај: 21 Септември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина и Русија, како големи светски сили и постојани членки на Советот за безбедност на ОН, „сносат важна одговорност“ за одржување на глобалната стратегиска стабилност, рече кинескиот министер за надворешни работи, јавува Анадолу.
На состанокот со рускиот колега Сергеј Лавров вчера во Москва, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји рече дека двете земји „водат независна надворешна политика“.
Ванг е во Москва за да присуствува на четиридневните консултации за стратегиска безбедност меѓу Кина и Русија.
„Во рамките на стратегиското водство на двајцата шефови на држави, односите меѓу Кина и Русија задржаа здрав и стабилен развоен замав, со континуирано продлабочување на прагматична соработка, богата и разновидна меѓучовечка и културна размена “, изјави кинескиот министер за надворешни работи.
Тој додаде дека „кинеско-рускиот однос, кој се карактеризира со трајно добрососедство, сеопфатна стратегиска координација и заемно корисна соработка, ќе продолжи да го поддржува развојот на двете земји и да носи значајни придобивки за нивните народи“.
Ванг рече дека соработката меѓу Кина и Русија „не е насочена кон трети страни“ и „нема да биде под влијание на трети страни“.
„Соочени со порастот на едностраните акции, хегемонијата и конфронтацијата, Кина и Русија треба да го следат прогресивниот тренд на времето, да ја покажат својата одговорност како големи сили, да ги исполнат своите меѓународни обврски и да продолжат да ја зајакнуваат стратегиската координација, да се придржуваат до вистинскиот мултилатерализам и да ја промовираат мултиполарноста во светот, глобалното управување во поправедна и разумна насока“, рече кинескиот министер за надворешни работи.