Furkan Abdula
12 Октомври 2022•Ажурирај: 13 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, во седиштето на НАТО во Брисел учествуваше на состанокот на Контакт групата за Украина во организација на САД, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за одбрана на земјата, на овој состанок присуствувале и секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, министерот за одбрана на Украина, Олекси Резников, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и поголем број министри за одбрана на земјите членки на НАТО.
„Северна Македонија на дело покажа дека заедно со сојузниците е цврсто посветена на помошта и поддршката на Украина, зашто таа поддршка значи и поддршка за одбрана на територијалниот суверенитет, независноста и самостојноста на оваа земја која беше нападната, брутално и без провокација“, рече Петровска на состанокот.
„Нашата цел никогаш не била и нема да биде војната да се оддолжи, туку независна и суверена Украина да може да се одбрани од агресијата врз неа“, додаде таа.
Министерката потсети дека досега Владата на Северна Македонија донесе три одлуки за помош и поддршка на Украина.