Furkan Abdula
13 Септември 2022•Ажурирај: 14 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на посетата на Грција се сретна со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, Ковачевски во Атина остварил тет-а-тет средба со Мицотакис.
„На средбата во рамки на работната посета на Ковачевски во Атина, премиерите разговараа за последиците од енергетската криза во светски рамки и енормниот раст на цените на електричната енергија“, се истакнува во соопштението.
Се вели дека Ковачевски и Мицотакис дискутирале за состојбите и предизвиците со кои се соочуваат земјите во справување со светската енергетска криза.
„Двајцата премиери констатираа дека регионалната соработка е од големо значење со особен акцент на важноста од соработката во енергетскиот сектор, за која се согласија дека има голем потенцијал, ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас (ТНГ) во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји. Интерконекторот со Грција заедно со терминалот за течен гас (ТНГ) во Александруполи не се само економски, туку и проекти од стратешко значење“, се наведува во соопштението.
Се додава дека премиерите ги потврдиле заложбите согласно планираното, најдоцна до средината на 2024 година Северна Македонија да има снабдување со гас од Грција.
„Новиот терминал за течен гас (ТНГ) во Александруполи значи енергетска независност, ослободување од рускиот гас и диверзификација на изворите“, се истакнува во соопштението.
Премиерите заклучија дека стратешките проекти се од голема важност за долгорочната енергетска независност за стабилно и континуирано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време.