Abdula Berisha
28 Април 2022•Ажурирај: 29 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, ја прими Карен Донфрид, помошник-државна секретарка на Соединетите Американски Држави (САД) за европски и евроазиски прашања, која престојува во официјална посета на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
По средбата на двете делегации двајцата дипломати одржаа заедничка прес-конференција на која министерот Османи откри дека Северна Македонија и САД ќе водат стратешки дијалог за продлабочување на партнерството.
„Она што особено ме радува е што денеска се договоривме да го зајакнеме ова партнерство преку следниот стратешки дијалог меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави што ќе се одржи на 2 јуни во Вашингтон“, рече Османи, додавајќи дека Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан што ќе отвори стратешки дијалог со САД.
Зборувајќи за безбедносната состојба по руската војна во Украина, Османи рече дека зајакнувањето на американското присуство на Балканскиот Регион „не само што е добредојдено, туку е и неопходно“.
Американската дипломатка Карен Донфрид, исто така, го истакна одржувањето на стратешкиот дијалог меѓу владините претставници од двете земји во Вашингтон, велејќи дека мора да се задржи позитивниот моментум.
Таа, исто така, рече дека САД ја поздравуваат Северна Македонија за нејзината континуирана посветеност кон евроатлантската иднина.
„Знајте дека ние силно ги поддржуваме вашите аспирации и сакаме ЕУ да одржи меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро. Ви одложуваа долго време“, рече Донфрид, додавајќи дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ.
Американската дипломатка претходно во текот на денот се сретна и со премиерот Димитар Ковачевски, а по состанокот со министерот Османи се сретна и со претседателот Стево Пендаровски.