Saadet Gökce
15 Мај 2026•Ажурирај: 15 Мај 2026
Шест лица што патувале со крузерот на кој се појави епидемија со хантавирус се сместени во карантин во Австралија. Тие пристигнале таму со специјален државен лет за враќање на граѓани од Холандија, објави денес австралискиот јавен сервис Еј-би-си, пренесува Анадолу.
Во групата се четворица австралиски државјани, еден постојан жител и еден државјанин на Нов Зеланд.
Пред полетувањето, тие биле негативни на тестирањата и не покажувале никакви симптоми.
Федералниот министер за здравство Марк Батлер изјави дека тие „и понатаму се во добра здравствена состојба“.
Групата ќе биде подложена на дополнителни тестирања, вклучително и дополнителни ПЦР-тестови, како и на тринеделен карантински период.
Претходно Батлер изјави дека се разгледуваат дополнителни мерки за мониторинг со оглед на подолгиот период на инкубација на хантавирусот, кој изнесува околу 42 дена.
„Нема да дозволиме да се случи ништо што не е во согласност со препораките на Светската здравствена организација (СЗО) во врска со периодот на инкубација на овој вирус“, рече тој.
Екипажот на авионот и еден лекар што бил на летот, исто така, се очекува доброволно да заминат во двонеделен карантин во објектот. Батлер истакна дека сите присутни во авионот носеле комплетна лична заштитна опрема во текот на целиот лет.
Авионот што се користел за евакуацискиот лет ќе биде деконтаминиран.
На 4 мај СЗО потврди дека случаите на тешки респираторни заболувања на крузерот „МВ Хондиус“ претставуваат кластер на хантавирус.
Хантавирус е ретка болест што вообичаено се пренесува преку заразени глодачи или нивниот измет, иако сојот одговорен за сегашната зараза може да се шири и од човек на човек.
Американските центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) ја класифицираа епидемијата како итен одговор од ниво 3, најниско ниво на активирање во итни случаи на агенцијата.
Епидемијата, во која е вклучен сојот Андес на хантавирусот, досега резултираше со 11 пријавени случаи, вклучително и три смртни случаи, соопштија официјални претставници на СЗО.