Aysu Biçer
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Агент на американската Служба за имиграција и царина (ИЦЕ) застрела и рани маж во неговиот автомобил вчера во населбата Марбл Хил во Њујорк, додека во возилото се наоѓало и петгодишно дете, соопштија градските власти, јавува Анадолу.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, рече дека првичните информации укажуваат оти агентите ги опколиле мажот и детето пред да испукаат повеќе куршуми.
Според Мамдани, се верува дека детето не претрпело физички повреди, се наведува во неговото соопштение.
„Ова е несовесна и исклучително сериозна ситуација“, рече тој, додавајќи дека планира да разговара со претседателот Доналд Трамп и „да побара од него да ги прекине сите активности на ИЦЕ за спроведување на имиграциските прописи во нашиот град. Нема да стојам настрана додека агентите на ИЦЕ ги тероризираат нашите заедници“.
Американското Министерство за внатрешна безбедност (ДХС), под чија надлежност е ИЦЕ, соопшти дека службениците реализирале „операција за спроведување на законот“ во Бронкс, со цел приведување на маж од Доминиканска Република што претходно бил кривично осуден.
„За време на инцидентот службеникот на ИЦЕ го употреби своето огнено оружје, при што беше повреден странец со незаконски престој што има криминално досие“, соопшти ДХС, додавајќи дека службениците веднаш му укажале помош.
„Лицето е живо и се наоѓа во локална болница“, соопшти Министерството. Според ДХС, пукањето се случило околу 16 часот по локално време (20:00 часот по Гринич).
Американското Министерство за внатрешна безбедност тврдеше дека мажот имал „врски“ со банда и претходни кривични пресуди, но не го идентификуваше и не приложи докази за да ги поткрепи тврдењата.
Министерството и претходно се соочувало со критики поради употребата на смртоносна сила од страна на федералните агенти против имигранти, по што целите на операциите биле означувани како членови на банди.
Администрацијата на Трамп,исто така, постојано ги обвинува имигрантите и демонстрантите дека користат возила како оружје, тврдејќи дека агентите отвориле оган како одговор на „напади со возила“.