Beyza Binnur Dönmez
11 Август 2026•Ажурирано: 11 Август 2026
Во силниот земјотрес со јачина од 7,4 степени што вчера ја погоди Колумбија оштетени се речиси 5.000 домови и 24 здравствени установи, како и стотици училишта, центри во заедницата и патишта, соопштија денес претставници на ОН, јавува Анадолу.
Портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA), Јенс Лерке, пред новинарите во Женева изјави дека се оштетени речиси 5.000 домови, од кои 387 се целосно уништени, а урнати се 61 објект.
Тој додаде дека се оштетени и повеќе од 550 образовни институции и над 350 центри во заедницата.
Лерке рече дека, според официјалните извештаи, во неколку градови има прекини во основните услуги, вклучително снабдувањето со електрична енергија и вода, здравствените услуги и комуникациската поврзаност, додека низ земјата се оштетени 53 патишта.
Според официјалните владини податоци, најмалку 169 лица загинале, а 1.495 се повредени.
Портпаролот на Светската здравствена организација (СЗО), Тарик Јашаревиќ, изјави дека се пријавени оштетувања на 24 здравствени установи во шест департмани, при што најтешко е погоден департманот Вале дел Каука, особено градот Кали.
Урнат е дел од кулата во која се сместени одделенијата за кардиологија и педијатрија во Универзитетската болница „Вале“, а клиниката „Нуестра“ била целосно евакуирана.
„Оштетувањето на системите за водоснабдување создаде дополнителни оперативни проблеми за здравствените установи“, рече Јашаревиќ.
Лерке соопшти дека Колумбија сè уште официјално не побара меѓународна помош.