Kanyshai Butun, Riyaz Khaliq Khaliq
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Русија побара од Холандија екстрадиција на деветмина официјални претставници на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кои во Русија беа осудени во отсуство, јавува ААнадолу.
Руското Главно обвинителство вчера соопшти дека пратило барања и до „низа други земји“ за приведување и екстрадиција на официјалните претставници, меѓу кои и претседателката на МКС, Томоко Акане.
Градскиот суд во Москва во декември 2025 година ги прогласи деветтемина за виновни во отсуство за кривични дела, меѓу кои свесно привлекување невино лице кон кривична одговорност, незаконско лишување од слобода и напади врз лица или институции под меѓународна заштита. Ним им беа изречени затворски казни во траење од три и пол до 15 години.
Во 2023 година МКС издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и на Марија Алексеевна Лвова-Белова, претседателска комесарка за правата на децата, поради наводни воени злосторства во Украина.
Овој потег доаѓа и во услови на американски санкции против функционери на МКС, меѓу кои и Акане, која е јапонска државјанка. САД во јули започнаа „кампања за отстранување на заканата што Меѓународниот кривичен суд ја претставува за суверенитетот на САД“. Во 2020 година судот одобри истрага за наводни злосторства извршени од припадници на американската војска во Авганистан.
Јапонија денес ги осуди барањата на руското обвинителство. Портпаролот на јапонската Влада, Масањао Озаки, изјави дека мерките се „неоправдани и неприфатливи“, објави новинската агенција „Кјодо“.
Владата има намера „соодветно да одговори, вклучително и со упатување дополнителни претставки до Русија“ и „да ја одржува комуникацијата со МКС и другите држави членки“, додаде тој.
Иако Јапонија е држава членка на Римскиот статут, со кој беше основан судот во 2002 година, Русија и САД не се негови членки.