Mücahithan Avcıoğlu
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Американското Министерство за финансии вчера воведе санкции за 17 брода поврзани со „флотата во сенка“ на Иран, засилувајќи го притисокот врз извозот на нафта на Техеран, јавува Анадолу.
Министерството соопшти дека бродовите превезувале милиони барели иранска сурова нафта, нафтени и петрохемиски производи до пазарите во Јужна и Источна Азија.
Со санкциите беа опфатени и компании вклучени во транспортната мрежа.
„Ниеден субјект што овозможува заобиколување на санкциите за Иран не е безбеден од целосната примена на овластувањата на Министерството за финансии“, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент.
Меѓу санкционираните бродови е и „Тина 5“, кој плови под знамето на Вануату. Според Министерството, во август превезувал повеќе од 1,5 милиони барели иранска сурова нафта.
Бродот „Согл“, кој плови под знамето на Коморските Острови, од септември 2025 година превезол повеќе од два милиона барели ирански пропан и бутан, а „Шензен“, кој плови под знамето на Камерун, од ноември 2025 година превезол повеќе од 3,5 милиони барели сурова нафта, соопшти Министерството.
Акцијата е дел од „Операцијата економски отпадник“, започната на 24 август со цел да се ограничи пристапот на Иран до меѓународните финансиски и трговски мрежи.
Кампањата за проширување на санкциите сега опфаќа повеќе клучни сектори, меѓу кои бродскиот транспорт, воздухопловството, технологијата, златото и дигиталните средства. Министерството за финансии предупреди дека субјектите што му помагаат на Иран да ги заобиколи санкциите ризикуваат да бидат исклучени од американскиот финансиски систем.
Министерството ги отстрани бродовите „Хакуна Матата“ и „Пинокио“ од списокот на санкции откако тие ја напуштиле „флотата во сенка“ и им биле продадени на оператори што не подлежат на санкции.