Şeyma Erkul Dayanç
13 Јули 2026•Ажурирано: 13 Јули 2026
Франција се бори со голем шумски пожар во близина на Париз, додека топлотниот бран продолжува низ поголем дел од земјата, принудувајќи евакуации во близина на шумата Фонтенбло, објави телевизискиот канал БФМ ТВ, пренесува Анадолу.
Пожарот во близина на шумата Фонтенбло, околу 70 километри југоисточно од Париз, принуди на евакуација околу 1.000 жители и туристи од дел од Општината Ле Воду, додека пламените јазици се движеа кон домовите, јави телевизискиот канал.
Градоначалникот на Ле Воду, Мишел Калми, рече дека „ѕид од пламен“ брзо се движи кон селото, стигнувајќи до почетокот на станбените области.
Портпаролката на Владата, Мод Брежон, за РТЛ изјави дека шумскиот пожар во Фонтенбло е „вонредна ситуација“, велејќи дека пожар од таков обем во Северна Франција не е забележан.
„Вонредна ситуација, вонредни ресурси“, рече таа, додавајќи дека Владата распоредила хидробомбардери „Канадер“ и авиони „Даш“ за поддршка на операциите за гаснење на пожарите.
Два авиона „Канадер“ пристигнаа во подрачјето денес и започнаа со операции на гаснење откако наполнија вода од реката Сена.
Пожарот избувна во период кога 37 департмани се под највисока тревога за црвен топлотен бран во Франција, при што екстремните температури и сушните услови го зголемуваат ризикот од пожари низ целата земја.
Брежон рече дека околу 2.000 центри за разладување се отвориле во текот на викендот во рамките на неодамна воведениот план за итни случаи ORSEC од Владата поради екстремните температури за заштита на ранливите категории луѓе.
Таа додаде дека болничкиот систем на Франција останува под притисок, но продолжува да се справува со порастот на побарувачката поврзана со жештините.
Владата, исто така, застана во одбрана на откажувањето на некои прослави на Денот на Бастилја, велејќи дека мерките имаат цел да се избегне преоптоварување на службите за итни случаи и да се намали ризикот од огномет што предизвикува нови пожари.
Пожарникарите го ставија под контрола пожарот во Кап Фреел во северозападниот департман Кот-д'Армор, иако екипите за итни случаи останаа на местото за да спречат повторно разгорување.
Заменичката-министерка за одбрана Алис Руфо за радиодифузерот ТФ1 изјави дека Владата се надева ти ќе може да го употреби и воениот транспортен авион А400М за мисии за гаснење пожари „во наредните недели“ по завршувањето на обуката на пилотите и другите подготовки.