Islam Uddin
12 Мај 2026•Ажурирај: 12 Мај 2026
Австралија денес објави нови финансиски санкции и забрани за влез во земјата за неколку ирански поединци и субјекти, обвинувајќи ги за вмешаност во прекршувањата на човековите права и поврзани активности, јавува Анадолу.
Министерката за надворешни работи Пени Вонг во соопштение кажа дека преземените мерки опфаќаат седум лица и четири субјекти поврзани со иранските безбедносни и финансиски мрежи.
„Во јануари, иранскиот режим изврши масакр врз илјадници сопствени граѓани и спроведе масовни апсења на мирните демонстранти, притоа изложувајќи ги затворениците на тортура, присилни признанија и спречувајќи ги да комуницираат со своите блиски“, истакна таа.
„Режимот го ограничи пристапот до интернет за да го спречи светот да дознае за овие злосторства.“
Според австралиската Влада, дел од санкционираните лица биле вклучени во спроведувањето на иранските политики за задолжително носење хиџаб, следењето на активисти и политички неистомисленици, како и во притворањето странски државјани.
Санкциите се насочени кон финансиските мрежи кои наводно се користат за поддршка на вооружените групи и на иранските активности поврзани со ракетната програма.
Овој потег беше објавен паралелно со дополнителните санкции наметнати од Обединетото Кралство, како дел од координираната акција со меѓународните партнери, се наведува во соопштението.
Канбера соопшти дека Владата на Албаниз досега вовела повеќе од 230 санкции кон поединци и субјекти поврзани со Иран, од кои над 100 се поврзани со Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Од страна на Иран засега нема никаква реакција во врска со најновите обвинувања и санкции.