Ruslan Rehimov
20 Септември 2023•Ажурирај: 21 Септември 2023
БАКУ (АА) - Портпаролот на азербејџанското Министерство за одбрана, полковник Анар Ејвазов, изјави дека во рамките на антитерористичките мерки на азербејџанската Армија во Карабах, уништена е касарна на Ерменските вооружени сили и дека се запленети шест камиони со минофрлачки гранати и четири минофрлачи, јавува Анадолу.
Ејвазов на прес-конференцијата рече дека локалните антитерористички мерки на азербејџанската Армија во Карабах продолжуваат.
„Како дел од мерките, азербејџанските војници запленија шест камиони натоварени со минофрлачки гранати и четири минофрлачи на Ерменските вооружени сили“, рече тој.
Наведувајќи дека на ерменските социјални мрежи се споделени лажни информации за напади на азербејџанската Армија врз цивилни и амбулантни возила, Ејвазов нагласи дека тврдењата не ја одразуваат вистината и дека азербејџанската Армија уништила само легитимни воени цели.
„Единиците на Ерменските вооружени сили, откако останаа без муниција, се обидуваат да ги напуштат своите позиции, да се прегрупираат во населените места и насилно да ги вооружат цивилите кои живеат во Карабах. Уште еднаш ги повикуваме Ерменските вооружени сили стационирани во азербејџанскиот регион Карабах, веднаш да го положат оружјето и да се предадат. Антитерористичките мерки само во тој случај ќе бидат запрени. Ги повикуваме ерменските жители во регионот да не остануваат блиску до Ерменските вооружени сили и да не ги поддржуваат“, порача Ејвазов.
Потсетувајќи дека на ерменските социјални мрежи беа споделени тврдењата дека азербејџанската Армија отворила оган врз цивилен конвој придружуван од руски сили во регионот, Ејвазов ги негираше тие тврдења и рече дека азербејџанските власти се во постојана комуникација и координација со командата на руските сили.
„Уништена е касарната на Ерменските вооружени сили, која долго време дејствуваше нелегално, во правец на Агдере“, изјави тој.
Тензиите во азербејџански Карабах повторно се во пораст, а тоа е предизвикано од потезите на тамошниот наводен режим, кој прибегнува кон разни саботажни и провокативни акции против азербејџанските сили.
Ерменските вооружени групи со месеци систематски ги напаѓаат позициите на азербејџанската Армија и поставуваат мински полиња.
И покрај повикот на Азербејџан за распуштање на таканаречениот режим, на 9 септември во тој регион беа одржани наводни избори, што дополнително ги зголеми тензиите.
Камион на азербејџанска државна институција нагази на мина на автопатот Ахметбејли - Фузули - Шуша во провинцијата Хокавент при што две лица го загубија животот.
Уште четворица полицајци загинаа кога полициско возило кое дошло на самото место нагазило на друга нагазна мина.
Потоа, азербејџанското Министерство за одбрана објави дека се започнати локални антитерористички мерки за повторно воспоставување на уставната структура во Карабах.