Serdar Dincel
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Саудискиот амбасадор во Јемен, Мохамед ал Џабер, денес изјави дека Баб ел Мандеб е „исчистен“ од припадниците на групата Хуси, јавува Анадолу.
„Благословен петок и победа за секој Јеменец и Арап. Баб ел Мандеб е исчистен од остатоците на терористичката милиција на Хусите“, напиша Ал Џабер во објава на американската платформа за социјални медиуми Х, без да даде дополнителни детали.
Хусите засега не ја коментираа изјавата на амбасадорот.
Јемен е зафатен од конфликт откако Хусите во 2014 година го презедоа главниот град Сана и неколку провинции, што ја поттикна коалицијата предводена од Саудиска Арабија да интервенира во март 2015 година во поддршка на меѓународно признатата Влада.
Воената ескалација што започна во јули ги одбележа најинтензивните борби во Јемен од периодот на релативно затишје по прекинот на огнот постигнат со посредство на ОН во 2022 година.
Со интензивирањето на судирите во септември, Хусите зазедоа неколку клучни области во провинциите Ходејда и Таиз и напредуваа до островот Мајун во теснецот Баб ел Мандеб.
Владините сили оваа недела ја започнаа операцијата „Зора на Јемен“ со цел повторно да ја преземат територијата под контрола на Хусите.