Michael Gabriel Hernandez
28 Април 2026•Ажурирај: 28 Април 2026
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, вчера изјави дека постојат „охрабрувачки знаци” во поглед на демилитаризацијата на Хамас, истакнувајќи дека „целокупноста“ на планот на претседателот Доналд Трамп за окупираниот Појас Газа е директно условена од разоружувањето на ова движење, пренесува Анадолу.
„Знам дека нашите партнери во Египет и Турција се вклучени во овој процес. Од изминатиот викенд постојат охрабрувачки знаци кои укажуваат дека сме сè поблиску до договор во врска со нивната демилитаризација”, изјави Рубио во интервју за „Фокс њуз“.
„Но, тоа мора да се случи. Овој проект е остварлив во целост само доколку Хамас се демилитаризира. Сè додека тоа не се оствари, сè останато е доведено под знак прашање“, додаде тој.
На прашањето дали Вашингтон ќе даде зелено светло за продолжување на војната во Газа доколку Хамас не го положи оружјето, Рубио изјави дека не сака да „шпекулира за тоа што претседателот би можел или не би можел да поддржи во иднина во една теоретска ситуација“.
„Да се надеваме дека можеме да го избегнеме тоа. Тоа не е исходот што го посакуваме. Исходот што го сакаме е Хамас да биде демилитаризиран, а палестинските безбедносни сили, поддржани од меѓународните безбедносни сили, да бидат способни да ја осигурат безбедноста во Газа“, изјави тој.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем, за Анадолу изјави дека условувањето на процесот со разоружување и заобиколување на веќе договорените рамки од првата фаза од договорот за прекин на огнот во Газа е во спротивност со планот на Трамп за Појасот Газа. Според Касем, ваквиот пристап, „ги комплицира преговорите за втората фаза“.
Изјавите на Касем следуваат по состанокот што се одржа во текот на изминатата недела во Каиро, главниот град на Египет, на кој присуствуваа официјалниот претставник на Хамас, Халил ал-Хаја, египетски претставници, високиот претставник за Газа во Мировниот одбор, Николај Младенов, и високиот советник на САД, Арје Лајтстоун.
Портпаролот на Хамас повика на исполнување на обврските од првата фаза пред да се премине на какви било понатамошни дискусии.
Минатиот септември, Трамп објави план за ставање крај на војната во Газа. Првата фаза вклучува прекин на огнот, делумно повлекување на израелските сили, ослободување на преостанатите израелски заробеници во Појасот и влез на 600 камиони со хуманитарна помош.
Хамас тврди дека иако ги исполнил обврските од првата фаза со ослободување на израелските заробеници, Израел не ги испочитувал своите хуманитарни обврски и ги продолжил нападите, во кои се убиени 786 Палестинци и ранети 2.217 лица.
Втората фаза вклучува пообемно повлекување на израелската војска од Газа, која и понатаму окупира повеќе од 50 отсто од нејзината територија, како и обнова и почеток на разоружувањето на фракциите.
Во однос на израелските закани за враќање на борбените дејствија, Касем ги нарече „алатки за притисок“ кои нема да успеат, велејќи дека Израел „всушност и не ја прекинал војната“ со оглед на постојаните убиства, окупацијата на делови од Појасот и ограничувањата на хуманитарната помош.
Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, неодамна повторно повика на целосна реокупација на Газа и воспоставување населби таму, објави израелскиот „Канал 14“.