Tuğçenur Akgün
23 Март 2023•Ажурирај: 24 Март 2023
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден им го честиташе месецот Рамазан на муслиманите, пренесува Анадолу.
Бајден објави посебно писмено соопштение по повод месецот Рамазан.
Честитајќи им го месецот Рамазан на муслиманите во Соединетите Американски Држави (САД) и во светот, претседателот Бајден наведе:
„Во овој свет период на длабоко размислување, како САД ја повторуваме нашата поддршка за муслиманските заедници што се изложени на тешкотии и уништувања. Ќе продолжиме да стоиме покрај народите на Туркије и Сирија, кои загубија многу свои најблиски во неодамнешните разорни земјотреси, и народот на Пакистан, кој го обновува животот во земјата по катастрофалните поплави минатото лето.“
Нагласувајќи ја слободата на вероисповед, Бајден во пораката вели: „САД, заедно со своите партнери, се солидаризираат со угнетените муслимани, вклучително и Ујгурите во Народна Република Кина, Рохинџите во Бурма и другите муслимански заедници што се прогонувани низ целиот свет.“
Потенцирајќи го придонесот на американските муслимани во земјата, од науката и технологијата до уметноста и образованието, од правото и медицината до трговијата и бирократијата, Бајден ја повтори својата посветеност за градење порамноправна, поправедна и потолерантна нација.
Обраќајќи им се на сите муслимани во САД и во светот, Бајден им посака благословен и спокоен Рамазан.