Berk Kutay Gökmen
05 Август 2026•Ажурирано: 05 Август 2026
Бразил го намали нивото на дипломатските односи со Аргентина на ниво на вршител на должност, јавија бразилските медиуми, повикувајќи се на извори од Министерството за надворешни работи, пренесува Анадолу.
Според бразилскиот весник „О Глобо“, одлуката следувала по серијата критички изјави што аргентинскиот претседател Хавиер Милеј во последните недели ги упатил кон бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва и други бразилски официјални претставници.
Според наводите, бразилското Министерство за надворешни работи писмено го известило аргентинскиот амбасадор во Бразилија, Даниел Раимонди, за одлуката дипломатските односи да се сведат на ниво на вршител на должност.
Според изворот, ваквиот потег значително ги намалува шансите Раимонди да остане во Бразил, но не претставува формално протерување.
Во меѓувреме, бразилското Министерство за надворешни работи го повикало својот амбасадор во Буенос Аирес, Хулио Бители, да се врати во Бразилија на консултации.
Според „О Глобо“, Бители нема да се врати во Аргентина сè додека не биде решен дипломатскиот спор.
Бразил не објави прекин на дипломатските односи со Аргентина ниту затворање на својата амбасада, но намалувањето на нивото на дипломатско претставување е една од најострите дипломатски реакции на Бразил кон Владата на Милеј досега.
Во соопштение на аргентинското Министерство за надворешни работи, објавено од весникот „Ла Насион“, се наведува дека Аргентина изразува жалење поради одлуката на Бразил да ги намали билатералните дипломатски односи.
Аргентина жали што Бразил одлучил „да продолжи да се изолира од остатокот на регионот од чисто идеолошки причини“, се наведува во соопштението на Министерството.