Mahmoud Barakat
13 Мај 2018•Ажурирај: 14 Мај 2018
БАГДАД (АА) - Коалицијата предводена од премиерот Хајдар ал-Абади е во водство по вчерашните парламентарни избори во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на владејачката ирачка коалиција „Наср“ („Коалиција на победата“) Хусеин Ал Адли, за АА рече дека оваа политичка опција, според прелиминарните резултати, води по вчерашните избори во Ирак, за првпат по минатогодишната победа над терористичката организација ДЕАШ.
Иранската Врховна изборна комисија претходно соопшти дека на вчерашните избори гласаа 10,8 милиони од вкупно 24 милиони регистрирани гласачи.
Изборите во Ирак се одржаа во сенка на економската, политичката и безбедносната криза.
Ирак веќе деценија и пол е место на длабока политичка и безбедносна криза, уште од американската инвазија и соборувањето на режимот на Садам Хусеин.
Постојана закана за безбедноста во Ирак и понатаму продолжуваат да бидат таканаречените „притаени ќелии“ на ДЕАШ, но исто така и терористите на ПКК кои работат на северот од оваа земја.
Политичката криза во Ирак се огледува од постојаните конфронтации на сунитските и шиитските политички елити, како и во кризните односи помеѓу федералната влада во Багдад и покраинската влада во Ербил. Нерешениот статус на Киркук сè уште е едно од спорните прашања во Ирак.