Esra Taşkın
04 Февруари 2022•Ажурирај: 04 Февруари 2022
ПАРИЗ (АА) - Бегалците кои живеат на улиците низ Париз, главниот град на Франција, полицијата ги буди и ги протерува од местата каде што се засолнати, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На видеоснимките споделени на твитер-профилот на хуманитарната организација „Утопија 56“, група бездомници кои спијат под мостот во Париз се будат со клоци.
Исто така, на снимката може да се види како бездомник со ампутирана нога на патерици, кој исто така спие под мостот, се обидува да разговара со полицијата.
И покрај студот, бездомниците бегалци по интервенцијата на полицијата се принудени да се оддалечат од просторот каде што се засолнети.
Во соопштението на организацијата наведено е дека групата, која е вознемирена од полицијата во инцидентот настанат во ноќта меѓу вторникот кон средата, ја сочинуваат претежно судански бегалци или баратели на азил.
„Овие луѓе, кои треба да бидат заштитени и да имаат засолниште, се изложени на постојано физичко и психичко малтретирање од страна на полицијата“, се нагласува во соопштението и се додава дека вакви ситуации во Париз се доживуваат веќе пет дена.
Меѓу другото, во соопштението се наведува дека полицијата употребила солзавец против бездомните бегалци во Франција, интервенирала со палки и им ги одзела ќебињата.
Според хуманитарната организација, причина за тоа е односот на францускиот претседател Емануел Макрон и министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманин.