Burç Eruygur
03 Август 2025•Ажурирај: 04 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Вулкан на рускиот полуостров Камчатка еруптираше денес по шест века, соопштија властите, испраќајќи огромен облак од пепел на исток кон Тихиот Океан, јавува Анадолу.
Регионалната канцеларија на Министерството за вонредни состојби на Русија соопшти дека вулканот Крашениников, кој се наоѓа на далечниот исток на земјата, еруптирал исфрлајќи вулкански материјал од пепел и гасови до 6.000 метри височина, повикувајќи се на податоци од Тимот за одговор на вулкански ерупции на Камчатка (KVERT).
„Нема населени области по патеката на облакот од пепел“, соопшти Министерството во соопштението на Телеграм, додавајќи дека не е пријавено паѓање пепел во блиските населени места и дека во моментов нема туристички групи во областа.
Вулканот висок 1.856 метри доби „портокалов“ код за опасност за авијацијата, што укажува на зголемен ризик за авионите поради вулканска пепел во атмосферата. Властите советуваат да не се патува во подрачјето ниту пак искачување на вулканот.
„Ова е прва историска ерупција на вулканот Крашениников по 600 години“, изјави Олга Гирина, раководителка на Тимот за одговор на вулкански ерупции на Камчатка, во изјава за руската државна новинска агенција РИА.
Гирина рече дека ерупцијата можно е да е поврзана со силниот земјотрес со магнитуда од 8,8 степени што го погоди брегот на Камчатка минатата среда, предизвикувајќи предупредувања за цунами низ целиот Пацифик, вклучително и во Чиле.
Руската академија на науките соопшти дека тоа е најсилниот земјотрес во регионот од 1952 година.
Истиот ден, Академијата јави за ерупција на вулканот Кључевској, еден од најактивните во Евроазија, кој се наоѓа околу 160 километри северно од Крашениников.