Riyaz Khaliq Khaliq
26 Август 2026•Ажурирано: 26 Август 2026
Југозападниот јапонски град Фукуока денес повторно беше зафатен од екстремни горештини, а поради топлотниот удар во целата земја минатиот месец починаа најмалку 79 лица, пренесува Анадолу.
Температурата во округот Хаката во Фукуока достигна 40,4 Целзиусови степени, што е рекорден десетти последователен ден со екстремни горештини, објави „Кјодо њуз“.
Голем дел од Јапонија беше погоден од високи температури предизвикани од висок воздушен притисок, а на состојбата во Фукуока дополнително влијаеше топлиот и влажен воздух што од близок тајфун се движеше кон регионот.
Просечните летни температури во Јапонија продолжуваат да се зголемуваат, поради што властите ги категоризираат деновите со температури од 40 Целзиусови степени или повеќе како „кокушоби“, односно „денови со сурова жештина“.
Продолжениот топлотен бран предизвика тешки последици врз јавното здравје, при што само во јули повеќе од 41.000 лица биле хоспитализирани низ земјата поради топлотен удар, што резултирало со најмалку 79 потврдени смртни случаи, според Јапонската агенција за управување со пожари и катастрофи.
„Од лицата што биле пренесени во болница, 24.769 биле на возраст од 65 или повеќе години, што претставува повеќе од 60 отсто од вкупниот број. Потврдена е смрт на 79 лица“, објави Џиџи прес.
Екстремни горештини настанаа по тешките временски услови претходно овој месец, кога поројни дождови и ненадејни поплави го погодија источниот дел на Јапонија.
На почетокот на овој месец обилните врнежи ја поплавија префектурата Чиба, источно од главниот град Токио, предизвикувајќи поплави во станбени области и најмалку 13 смртни случаи.