Aysu Biçer
01 Март 2022•Ажурирај: 02 Март 2022
АНКАРА (А) - Гугл Европа денес соопшти дека ќе ги блокира каналите на Јутјуб „поврзани со РТ и Спутник низ цела Европа, потег кој стапува на сила веднаш“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Затворањето на каналите е резултат на острите санкции кон Русија поради војната против Украина.
Во соопштението на Твитер компанијата вели: „Ќе биде потребно време нашите системи целосно да се зајакнат. Нашите тимови продолжуваат да ја следат ситуацијата деноноќно за да преземат брза акција“.
Руско-украинската војна денес влезе во шестиот ден, а најновите извештаи покажуваат дека руските трупи се упатуваат кон главниот град Киев.
Од почетокот на руската војна против Украина минатиот четврток, таа наиде на огорченост од меѓународната заедница, при што Европската Унија (ЕУ), Велика Британија и Соединетите Американски Држави (САД) спроведоа низа економски санкции против Русија.
Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претходно изјави дека ЕУ ќе ги забрани државните руски медиуми, меѓу кои се и Спутник, РТ и нивните подружници.
Русија беше дополнително изолирана откако на нејзините авиони им беше забрането да летаат во европскиот и канадскиот воздушен простор, а голем број руски банки беа исфрлени од меѓународниот банкарски систем СВИФТ.