МОСКВА (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денес изјави дека пристигнал во Русија за да направи сè што е можно за да се стави крај на војната во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во Москва, Гутереш ја истакна потребата да се создаде пат кон постигнување дијалог.
„Знам дека денес, соочени со комплексната ситуација во Украина, имаме поинакви толкувања за тоа што се случува во Украина, што не ја ограничува можноста да се има многу сериозен дијалог за најдоброто што можеме да го направиме за да ги минимализираме страдањата на луѓето.“
„Ние сме исклучително заинтересирани во изнаоѓањето начини во обид да се креираат услови за ефективен дијалог, да создадеме услови за прекин на огнот што е можно порано, да создадеме услови за мирно решение“, рече Гутереш.
Челникот на ОН додаде дека тој е исто така заинтересиран за „сè што може да биде направено за да се минимализира влијанието на различни делови од светот“.
Гутереш додаде дека има бројни теми на дневниот ред за кои тој би сакал да зборува „детално со Руската Федерација“.
Рускиот министер Лавров рече дека ја цени желбата на секретарот да има уште една рунда преговори „во овие тешки времиња за да можеме правилно и длабински да размислиме како да ги развиеме вистинските принципи на ОН и мултилатерализмот“.
„Вистинскиот мултилатерализам мора да биде заснован на Повелбата на ОН, која го зацврстува интересот на суверена еднаквост на земјите“, рече Лавров.
„Ние ќе зборуваме за сите други прашања кои ги сметате за важни и потоа ќе имаме состанок со претседателот на Руската Федерација, што ја покажува важноста што ја придаваме на нашите контакти со ОН“, рече министерот.
Најмалку 2.665 цивили загинаа, а 3.053 се повредени во Украина откако Русија ја започна војната со Украина на 24 февруари, според проценките на ОН, со стравувања дека вистинските бројки се многу поголеми.
Според Агенцијата на ОН за бегалци, над 5,2 милиони Украинци пребегале во соседните земји.
news_share_descriptionsubscription_contact
