Kaan Bozdoğan
03 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска пристигна во официјална посета на Киев, главниот град на Украина, каде што со највисоки државни почести беше пречекан од претседателот Владимир Зеленски во палатата „Марински“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган пристигна во официјална посета на Киев на покана на претседателот Зеленски.

Во рамките на официјалната посета, Ердоган најпрвин положи венец на Споменикот на непознатиот херој во Киев во спомен на загинатите во Втората светска војна, а потоа беше пречекан од Зеленски во Претседателската палата.
По средбата се очекува двајцата лидери да одржат прес-конференција.
Ердоган ќе присуствува и на десеттиот состанок на Стратешкиот совет Турција - Украина. На средбата ќе се разговара за односите меѓу Турција и Украина на ниво на стратешко партнерство, а треба да се разговара и за можностите за натамошно зајакнување на соработката меѓу двете земји и размена на мислења за регионални и меѓународни прашања.

Турскиот претседател при оваа посета е придружуван од неговата сопруга Емине Ердоган, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу; министерот за национална одбрана, Хулуси Акар; министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу; министерот за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез; министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк; министерот за животна средина, урбанизам и климатски промени, Мурат Курум; министерот за млади и спорт, Мехмет Муарем Касапоглу; портпаролот на АК Партија, Омер Челик; шефот на Одделот за одбранбена индустрија при турското Претседателство, Исмаил Демир; шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун и портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин.