Riyaz Khaliq Khaliq
28 Април 2026•Ажурирај: 28 Април 2026
Европската Унија (ЕУ) и Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) денес побараа од САД и Иран да ја прекинат војната преку мирни средства, нагласувајќи ги поморската безбедност и сигурноста низ Ормускиот Теснец, јавува Анадолу.
Поздравувајќи го прекинот на огнот меѓу САД и Иран со посредство на Пакистан, двата блока во заедничко соопштение ја потврдија „важноста на одржувањето непречено пловење и прелетите над теснеците што се користат за меѓународна навигација, во согласност со меѓународното право, како што е наведено во УНЦЛОС од 1982 година.
Соопштението е објавено по 25. министерски состанок на ЕУ-АСЕАН во Бандар Сери Бегаван, главниот град на Брунеи.
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, го претставуваше блокот, а министерот за надворешни работи на Брунеи, принцот Мухамед Болкијах, беше домаќин на заедничкиот состанок во име на АСЕАН.
Тие изразија „длабока загриженост поради какви било дискриминаторски или еднострани мерки што може да ги попречат бродовите што минуваат низ Ормускиот Теснец или низ кои било теснеци што се користат за меѓународна навигација“, се вели во соопштението.
Теснецот останува блокиран во војната на САД и Израел со Иран што трае веќе два месеца, а тоа влијае врз глобалното снабдување со енергија, при што најмногу се погодени азиските земји.
Повикувајќи на враќање на безбедниот, непречен и континуиран транзитен премин на бродови и авиони низ Ормускиот Теснец, ЕУ и АСЕАН ги „повикаа сите вклучени страни да одржуваат погодни услови за целосно и ефективно спроведување на прекинот на огнот, преку практикување максимална воздржаност, прекинување на сите непријателства и избегнување на какви било дејства што може да ја влошат ситуацијата“.
На 8 април Пакистан обезбеди прекин на огнот меѓу САД и Иран, кој остана на сила откако американскиот претседател Доналд Трамп еднострано го продолжи на 21 април.
Нагласувајќи ја важноста на одржувањето на регионалниот мир, стабилност и просперитет, ЕУ и АСЕАН повикаа на „целосен и итен прекин на непријателствата на сите фронтови на Блискиот Исток“.
„Понатаму ги потврдивме обврските на сите држави да ги решаваат своите спорови со мирни средства и да ги почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на сите нации, да ги заштитат цивилите и цивилната инфраструктура во вооружени конфликти и да ја осигурат безбедноста на мировниците на ОН и хуманитарниот персонал, во согласност со меѓународното право, Повелбата на ОН и релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН“, се наведува во заедничката изјава.
Повеќе од 3.300 луѓе се убиени во Иран, а илјадници се внатрешно раселени поради војната на САД и Израел со Иран, која започна на 28 февруари.
Во израелските напади врз Либан се убиени најмалку четворица индонезиски мировници на ОН, а многумина се повредени.
Во израелските напади врз Либан од 2 март убиени се најмалку 2.509 луѓе и повредени се 7.755, а раселени се повеќе од 1,6 милиони луѓе, според официјалните податоци.
- ЕУ и АСЕАН ја осудуваат катастрофалната ситуација во Газа -
ЕУ и 11-члениот АСЕАН, исто така, изразија „сериозна загриженост“ поради влошувањето на ситуацијата во окупираните палестински територии и ја осудија континуираната катастрофална хуманитарна ситуација во Газа и покрај прекинот на огнот.
Од октомври 2023 година Газа е под израелски напади, во кои се убиени повеќе од 72.000 Палестинци, главно, жени и деца.
Двата блока ги „осудија сите напади врз цивили и цивилна инфраструктура и повикаа на брз, безбеден, одржлив и непречен хуманитарен пристап до сите на кои им е потребна помош, вклучително и преку зголемен капацитет на граничните премини, како и по морски пат“.
ЕУ и АСЕАН, исто така, ја повторија својата поддршка за сеопфатно и трајно решение за постигнување праведен и долготраен мир на Блискиот Исток, заснован врз дводржавно решение во согласност со меѓународното право и релевантните резолуции на ОН.