БРИСЕЛ (АА) – ЈУСУФ ХАТИП -
Европската Унија (ЕУ), и покрај тоа што поминаа речиси 4 години од Договорот за миграција потпишан на 18 март 2016 година, сè уште не ги исполни своите обврски за визната либерализација, финансиската поддршка, повторното раселување на бегалците и ажурирање на Царинската унија, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на Договорот, ЕУ и покрај тоа што вети дека до крајот на 2016 година ќе има визна либерализација за Турција, не ги исполни обврските.
„Најдоцна до крајот на јуни 2016 година со укинување на визите за турските граѓани, сите земји членки што се вклучени во Мапата на патот за визната либерализација ќе го забрзаат исполнувањето на обврските“ стои во Договорот помеѓу ЕУ и Турција.
Во Мапата на патот за визната либерализација, прашањата што се очекуваат да бидат исполнети, се наведени како 72 критериуми.
Во овој контекст, останаа 6 од 72 критериуми коишто Турција треба да ги исполни за визната либерализација.
Меѓу останатите критериуми, најдискутабилен е критериумот за „промена на законодавството во борбата против тероризмот“. Веднаш по потпишувањето на Договорот, Турција го преживеа обидот за државен удар, затоа очекува ЕУ да биде пофлексибилна во тој поглед.
- Дури и 3-те милијарди од 6 милијарди евра не се префрлени -
Турција, која ја отвори вратата за милиони бегалци, бара од ЕУ да ги исполни ветувањата за поддршка од 6 милијарди евра.
Како домаќин на бегалците Турција потроши повеќе од 40 милијарди долари и нагласува дека ЕУ сè уште ниту 3-те милијарди долари, од ветените 6 милијарди, не ги испратила до меѓународните невладини организации.
До крајот на 2018 година, ЕУ вети дека ќе распореди вкупно 6 милијарди евра во две фази.
Од друга страна, во Договорот стои: „ЕУ и земјите членки на ЕУ ќе вложат заеднички напори со Турција за подобрување на хуманитарните услови во Сирија особено во областите во близина на границата со Турција, а исто така ќе вложат напори за да се осигура безбедноста на бегалците и локалното население.“
И покрај тоа, ЕУ избегна да направи конкретни чекори во овој поглед.
ЕУ, исто така, не ја спроведе и програмата за повторно раселување на бегалците, со која се предвидуваше да се земаат бегалците од Турција, која е домаќин на 3,5 милиони Сиријци.
- Ново поглавје не е отворено -
Во Договорот, исто така, се истакнува: „Подготвителните работи за отворање на други поглавја ќе продолжат на забрзан начин, без разлика дали се во спротивност со ставовите на земјите членки во рамките на постојните правила.“
Поради неотворање на нови поглавја во преговорите за пристапување во ЕУ од 30 јуни 2016 година, преговорите помеѓу ЕУ и Турција дојдоа до точка на замрзнување.
Не само што преговорите меѓу страните забавија, туку ЕУ соопшти дека ги прекинува и преговорите на високо ниво, а како изговор за тоа го наведе Источниот Медитеран.
Односите со ЕУ, кои заладија поради активностите за сондажа на Турција во Источниот Медитеран што произлегуваат од нејзините суверени права, Турција се залага повторно да се обноват со активно користење на каналот за дијалог.
- Ажурирањето на Царинската унија се одолговлекува -
Официјалните преговори за ажурирање на Царинската унија се очекуваше да започнат откако Европската комисија ќе добие овластување од Советот, но се чини дека Брисел не сака да го стори тоа.
Во моментот, по техничките состаноци одржани помеѓу Турција и ЕУ, постигнат е консензус за извештајот за утврдување на рамката за преговори, но остана само на тоа.
Турција истакнува дека ажурирањето на Царинската унија ќе биде во корист на двете страни.
- Благодарение на Турција, приливот на мигранти се намали за околу 97 проценти -
По Договорот, нерегуларната миграција во Егејското Море во голема мера беше ставена под контрола, додека смртните случаи беа значително намалени.
Во Егејот миграцијата се намали за 97 проценти. Според податоците на Обединетите нации (ОН), оваа бројка во 2015 во Егејот изнесуваше 856.000, а во 2018 година се намали на 32.494.