Elena Teslova
05 Август 2026•Ажурирано: 05 Август 2026
Во ноќните напади врз Киев и Киевската Област загинаа 17 лица, а 44 се повредени, соопшти денес украинскиот претседател Владимир Зеленски, јавува Анадолу.
Зеленски во објавата на Телеграм наведе дека во нападот биле употребени 24 балистички ракети, четири ракети „Циркон“ и „Оникс“, како и 115 беспилотни летала, од кои многу биле со млазен погон.
Меѓу погодените цели, според него, се магацини, инфраструктурни објекти и железничка станица.
Зеленски повика на зголемена испорака на системи за пресретнување балистички ракети за Украина, истовремено апелирајќи до Г7 и Европската Унија да воведат дополнителни санкции за руските производители на балистички ракети.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта неговата противвоздушна одбрана пресретнала и уништила 475 украински беспилотни летала над повеќе руски региони, како и над Црното и Азовското Море.
Во Ростовската Област, според гувернерот Јуриј Сљусар, биле уништени повеќе од 40 беспилотни летала над реоните Тарасовски, Каменски, Милеровски и Неклиновски.
Тој додаде дека остатоците од беспилотните летала предизвикале пожар на сува трева во Неклиновскиот Реон, кој подоцна бил изгаснат.
Во Тулската Област, според гувернерот Дмитриј Милијаев, пожар избувнал во центар за сортирање на компанијата „Вајлдберис“ откако таму паднало беспилотно летало.
При нападот биле оштетени и две станбени згради и два индустриски објекта, а едно лице било повредено.
Во Република Татарстан, пак, остатоци од беспилотно летало предизвикале помал пожар во цивилен објект во Зеленодолскиот Реон, соопшти раководителот на реонот Михаил Афанасјев.
Пожарот бил брзо изгаснат, а нема информации за повредени.
Наводите на двете страни не може независно да бидат потврдени.