Mohammad Sıo
18 Март 2024•Ажурирај: 19 Март 2024
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел денес објави дека планира да спроведе, како што рече, „голема активност“ во градот Рафа, смесетен во јужниот дел на Појасот Газа, по евакуацијата на Палестинците во западниот дел на градот, јавува Анадолу.
„Се разбира, ќе дејствуваме во Рафа, а пред големата активност оттаму жителите ќе ги евакуираме во западната област“, изјави израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац за израелската јавна телевизија КАН.
Во текот на изминатите недели израелските власти повеќепати го отфрлаа враќањето на палестинските бегалци од јужниот дел на Појасот Газа во неговите северни делови.
„Кога треба да дејствуваме во Рафа, не гледам јаз меѓу САД и Израел, вклучително и евакуација на цивилите“, рече министерот Кац.
Кац ја даде оваа изјава еден ден откако Џон Кирби, портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, потврди дека Вашингтон нема да поддржи ниедна голема израелска воена операција во Рафа без остварлив план што ќе осигура безбедност за 1,5 милиони раселени луѓе.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 15 март ги одобри плановите за воена операција во Рафа, а армијата се подготвува да ги евакуира жителите.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Во овие напади досега се убиени најмалку 31.726 Палестинци, од кои повеќе од 13.500 деца и 9.000 жени, а 73.792 се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни средства за опстанок.
По обвинението за геноцид што ја поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.