Lina Altawell
12 Мај 2026•Ажурирај: 12 Мај 2026
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес се појави пред Окружниот суд во Тел Авив по 86. пат, поради обвиненијата за корупција поднесени против него, јавува Анадолу.
Нетанјаху се соочува со обвиненија за корупција, примање поткуп и злоупотреба на службената положба во три одделни предмети познати како Случај 1000, Случај 2000 и Случај 4000, за кои обвинителните акти се поднесени во ноември 2019 година.
Израелскиот Канал 12 објави дека заврши сослушувањето на Нетанјаху за Случај 4000, по што започна распитот за Случај 2000.
Сослушувањето за Случај 1000 заврши во ноември минатата година.
Од почетокот на судењето во 2020 година Нетанјаху ги негира сите обвиненија. Израелското законодавство не дозволува помилување од претседателот без претходно признавање на вината.
Во Случај 1000 премиерот и членови на неговото семејство се обвинети за примање поткуп од моќни бизнисмени во форма на луксузни подароци во замена за услуги и асистенција за различни прашања.
Случај 2000 опфаќа тврдења дека Нетанјаху водел преговори со Арнон Мозес, издавач на весникот „Једиот Ахронот”, со цел да обезбеди поволно медиумско известување.
Случај 4000 опфаќа наводи дека Нетанјаху иницирал регулаторни одлуки во корист на Паул Елович, поранешен сопственик на новинскиот интернет-портал „Вала” и поранешен извршен директор на телекомуникациската компанија „Безек”, во замена за позитивно медиумско известување.
Покрај обвиненијата за корупција, Нетанјаху од 2024 година се соочува и со меѓународна правна битка, имено Меѓународниот кривичен суд (МКС) го товари за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа, каде што повеќе од 72.000 Палестинци се убиени во жестоките израелски напади што започнаа во октомври 2023 година.