Serdar Dincel
17 Август 2026•Ажурирано: 17 Август 2026
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багаеи, денес изјави дека рокот од 60 дена за преговори со САД, по Меморандумот за разбирање од 17 јуни, „го изгубил значењето“ поради, како што ги нарече, „флагрантните“ прекршувања од Вашингтон, јавува Анадолу.
„Во Меморандумот за разбирање нема одредба што се однесува на ’рок од 60 дена‘, а Исламската Република Иран никогаш не ги формулира своите политики под притисок, ултиматуми или временски ограничувања“, изјави Багаеи за новинарите на неделната прес-конференција, пренесе полудржавната новинска агенција „Тасним“.
Тој додаде дека во Меморандумот бил предвиден 60-дневен период за преговори за две прашања – „укинувањето на санкциите“ и „нуклеарното прашање“ – кој можел да биде продолжен доколку не биде постигнат договор.
„Поради флагрантното и широко распространето прекршување на Меморандумот за разбирање од страна на САД, дијалогот не беше започнат само неколку недели по неговото потпишување“, рече Багаеи.
„Како резултат на тоа, дискусијата за рокот од 60 дена целосно го изгуби значењето“, додаде тој.
Иранскиот портпарол рече дека продолжуваат преговорите со Оман за поморскиот транзит во Ормускиот Теснец.
„Изработката на мапата на маршрутата за поморскиот сообраќај со Оман одзеде време поради безбедносните компликации предизвикани од дејствувањето на САД и израелскиот режим, големиот број актери и нарушувањата предизвикани од злонамерни сили“, додаде тој.