Rahmi Gündüz
13 Јули 2016•Ажурирај: 14 Јули 2016
ПАРИЗ (АА) - Претседателот на Европската агенција за управување со оперативната соработка на надворешните граници на земјите-членки на Европската Унија (ФРОНТЕКС), Фабрис Легери, изјави дека по договорот на ЕУ со Турција, намален е бројот на мигранти кои по илегални патишта влегуваат во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Легери во својата изјава за радиостаницата Европа-1 соопшти дека во првите шест месеци од 2016 година, бројот на бегалци што по илегален пат влегле во Европа изнесува 360.000 лица и додаде: „Приливот на мигрантите во Европа се намали од месец април досега“.
Претседателот на Фронтекс, Легери, во својата процена вели дека договорот меѓу ЕУ и Турција и затворањето на границата меѓу Грција и Македонија се најважните фактори за намалувањето на бројот на мигрантите што пристигнувааат во Европа.
Во моментов, најголем број мигранти во Европа пристигнуваат преку Италија, од африканските земји, рече Легери, со што Италија ѝ го одзеде лидерското место на Грција.
Легери соопшти: „Во Италија секојдневно пристигаат околу 750 мигранти, главно од Африка, додека бројот на мигранти што пристигаат од Грција изнесува околу 50-мина“.
Минатата година, во Европа, по илегални патишта пристигнале околу 1,5 милиони мигранти. Овие мигранти во најголем борј во Европа влегле преку Грција, од каде што преминале кон Германија и кон северните земји од Европа.