Enes Canlı
16 Мај 2020•Ажурирај: 17 Мај 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Најмалку седум цивили, меѓу кои и едно дете, загинаа во ракетниот напад врз Триполи извршен од милициите лојални на Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните сили од источна Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Емин ел-Хашими, советник за односи со јавност во либиското Министерство за здравство, рече дека е гранатирано и подрачјето на Фурнај, каде што живеат раселени лица и бегалци.
Потврди дека во еден од нападите загинало петгодишно дете со потекло од Бангладеш. Ранети се 17 лица.
На социјалните мрежи се појавија снимки од чад од подрачјето кое е гранатирано. Медицинските екипи многу тешко стигнаа до подрачјето кое подолго време беше изложено на нападите.
Милициите на Хафтар од почетокот на мај извршија неколку ракетни напади врз делови на главниот град, во кои загинаа околу 30 цивили, меѓу кои и жени и деца.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога од власт беше соборен и убиен Муамер ал Гадафи.
Владата на национално единство на Либија, со седиште во Триполи, ужива поддршка од Обединетите нации (ОН) и меѓународната заедница, додека Хафтар од Тобрук раководи со нелегитимните сили кои се поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).