Kenan Irtak
27 Март 2022•Ажурирај: 31 Март 2022
ПОРТ ЛУЈ (АА)
– Кенан ИРТАК
Маврициус, егзотичниот остров во Индискиот Океан, со водата во тиркизна боја, песочните плажи, планините, водопадите и тропската клима претставува скапоцен камен на Африка.
Соседни земји на овој остров се Мадагаскар, Комори, Сејшели и француската прекуокеанска територија, островот Реинион. Маврициус се наоѓа на 890 километри источно од Мадагаскар, а го сочинуваат островите Родригес, Агалега и Каргадос Карахос.
Откако Холанѓаните го зазедоа островот во 1598 година, го именуваа во чест на принцот Морис Орански-Насауски.
Португалските морнари го открија островот во почетокот на 16 век, а подоцна власта ја презедоа Холанѓаните, кои Маврициус долго време го користеа како база за собирање прехранбени продукти и материјали. Островот го користеа и за одгледување шеќерна трска, а го напуштија во 1770 година. Французите го зазедоа во 1715 година и го именуваа Ил-де Франс.
Во војната меѓу Британците и Французите, Маврициус во 1814 година, во согласност со Договорот од Париз, потпадна под британска власт.
Островот е користен како воздухопловна база во Индискиот Океан, а по отворањето на Суецкиот Канал во 1869 година доби значење за Европејците.
Со референдумот одржан во 1967 година ослободен е од британската власт, а на 12 март 1968 година стекна независност.
- Бројот на посетители го надмина бројот на жители
Порт Луј, главниот град на островот, е едно од најзначајните пристаништа на африканскиот континент. Други значајни градови се Бо-Басен - Роз-Хил и Вакоа-Феникс.
Островот е познат по големиот број ендемски видови, но и по изумрената птица додо. Маврициус во последните неколку години повторно го зазеде препознатливото место во туристичкиот сектор.
Податоците на Министерството за туризам на Маврициус покажуваат дека познатиот остров во 2019 година го посетиле 1,4 милиони луѓе, што е повеќе од бројката на жители.
Маврициус е посебно популарен меѓу туристите од Франција, Велика Британија и Германија. Иако поради пандемијата на коронавирусот Маврициус во 2020 година ги затвори своите граници за туристите, од 1 октомври 2021 година повторно почна да ги пречекува гостите. Од октомври досега, островот го посетија околу 300.000 лица.
Директниот лет од Истанбул за Маврициус на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) трае 9 часа. Посетителите имаат низа можности да уживаат во туристичката понуда на островот.
Меѓу нив се и ботаничката градина Сер Сивусагур Рамгулам, фабриката за чај основана 1892 година, плажата Тру-о-Биш, селото Гранд Беј, Земјата обоена во 7 бои и хиндуистичкиот храм Гран-Басен.
Жителите на Маврициус, кај кои е видливо влијанието на колонијализмот, исклучително се колоритни кога во прашање се културата, јазикот и религијата. Хиндуизмот е широко распространет, а жителите се потомци на доселеници од Азија, Африка и Европа.
Околу половината од жителите се хиндуси, 32,7 % христијани и 17,3 % муслимани.
- Туристичка сезона во текот на целата година
Шефот на Канцеларијата за туризам на Маврициус, Арвинд Бундун, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека островот од први октомври 2021 година повторно е отворен за туристички посети и додаде дека успешно е спроведена кампањата за вакцинација против Ковид-19.
„Од октомври до февруари бевме домаќини на 280.000 посетители од сите страни на светот. Овие денови имаме многу малку позитивни случаи на Ковид-19. Сакаме да нагласиме дека нема потреба од хоспитализација на заразените, ниту пак има смртни случаи“, рече Бундун.
Директорот на најголемиот синџир на хотели во земјата, Рико Паолети, рече дека Маврициус го посетуваат туристи од сите страни на светот. Островот е посебно занимлив за посетителите од Европа.
„Имајќи предвид дека Маврициус е тропски остров, можеме да кажеме дека туристичката сезона владее во текот на целата година. Дури и во зима, температурата се движи од 25 до 27 степени. Зимскиот период, од јуни до септември исто така е добар. Топлиот период трае од октомври до крајот на февруари. Тогаш температурите се движат од 36 до 37 степени и има висока влажност. Во тој период доаѓаат многу туристи“, истакнува Паолети.