Операциите за пребарување и спасување, поддржани со хеликоптери и беспилотни летала, продолжија денес откако бројот на загинати во разорните ненадејни поплави по должината на границата меѓу Непал и Кина се искачи на 292, а над 1.300 лица сè уште се водат како исчезнати, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Непалската полиција потврди 289 смртни случаи и соопшти дека 826 лица се водат како исчезнати, меѓу кои туристи, странски државјани, цивилни службеници, војници, полицајци и локални жители, објави „Катманду пост“.
Премиерот на Непал, Бален Шах, денес, исто така, го посети Бидур, во областа Нувакот, за да ги посети погодените подрачја.
Според Непалскиот туристички одбор, вкупно 644 странски и домашни туристи се водат како исчезнати на непалската страна од границата.
Меѓу нив има 178 лица од Индија, 65 од САД, 53 од Украина, 51 од Малезија, 35 од Австралија, 33 од Обединетото Кралство, 25 од Канада, девет од Сингапур и осум од Германија.
Властите во Пекинг потврдија три смртни случаи и соопштија дека 558 лица и натаму се водат како исчезнати во Тибет, кој Пекинг го идентификува како Автономен Регион Сизанг.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Ѓиен, изјави дека 260 странски државјани се меѓу исчезнатите.
Кинеското Министерство за надворешни работи, исто така, соопшти дека 100 кинески државјани се водат како исчезнати на непалската страна од границата поради ненадејните поплави.
- Распоредени војници и хеликоптери -
Најверојатно поплавите биле предизвикани од одвојување на голем дел мраз од глечер на Хималаите, околу 20 километри североисточно од граничниот премин Расува-Расувагади, според сателитските снимки на кои се повикува весникот „Хималајан тајмс“.
Уривањето предизвикало тони мраз и карпи да паднат во реката Ботекоши, објави весникот.
Непалската Армија распореди стотици војници и други воени средства, вклучително и хеликоптери, за воздушна евакуација на луѓето на безбедно.
Областа Читван, во покраината Багмати, забележала најголем број смртни случаи, 64, по што следуваат Дадинг со 27 и Источен Навалпараси со 22.
Непалската полиција соопшти дека 28 полицајци, исто така, сè уште се водат како исчезнати.
Според првичните извештаи, поплавите уништиле 19 мостови и делница од 40 километри од клучен автопат, со што биле прекинати транспортните врски и биле отежнати спасувачките напори.
Непалскиот министер за надворешни работи, Шисир Канал, изјави дека поплавите предизвикале „екстремна штета“ во неколку области, предупредувајќи дека се достапни само прелиминарни информации.
Тој повика на зголемена внимателност покрај бреговите на реките Ботекоши и Тришули, во областите Нувакот, Дадинг, Горка и Читван, каде што ризиците остануваат високи.
- Меѓу исчезнатите лица речиси 300 се од Индија -
Одделно, Канал за индиската телевизија НДТВ изјави дека „се пријавени како исчезнати близу 300 Индијци и Владата се обидува да воспостави контакт со нив“.
Тој, исто така, рече дека странски државјани, вклучително и Индијци, ја користат рутата во погодената област за патувањето Масаровар Јатра.
Бројот на исчезнати Индијци, што го сподели Канал, е значително поголем од бројот потврден од Непалскиот туристички одбор.
Владата ги прогласи Расува, Нувакот и Дадинг за „подрачја на кризна состојба поради катастрофа“ во период од три месеци.
Националната управа за намалување и управување со ризици од катастрофи ги повика операторите со хеликоптери и беспилотни летала да ги координираат спасувачките напори со окружните администрации, безбедносните агенции и локалните власти.
Индија, Кина и Светската банка започнаа координација на финансиска помош за операциите за спасување, помош и обнова во подрачјата погодени од поплавите, соопшти Министерството за финансии на Непал.
Индискиот министер за надворешни работи утринава соопшти дека Њу Делхи испратил втор авион со 37,5 тони хуманитарна помош и материјали за помош при катастрофи, лекови и пакети со храна за Непал.
- Тројца загинати и 558 исчезнати во Тибет -
Најмалку три лица загинале, а 558 сè уште се водат како исчезнати во кинескиот округ Ѓиронг по катастрофата предизвикана од свлечиште, објавија кинеските државни медиуми.
Свлечиштето го погодило пристаништето Ѓиронг во југозападниот дел на Автономниот Регион Сизанг, попознат како Тибет, објави денес новинската агенција „Синхуа“ со седиште во Пекинг.
Во погодениот регион денес е испратена раководна група на Кинеската народноослободителна армија за да ги координира заедничките спасувачки операции на воениот персонал.
Граничниот премин Ѓиронг е главен премин за туристите и сообраќајот меѓу Кина и Непал.
Компанијата „Стејт грид Сизанг електрик пауер“ подготвува резерви за итно снабдување со електрична енергија во градот Ѓиронг, се наведува во извештајот.
Кинеското Министерство за управување со вонредни состојби и Националната противпожарна и спасувачка администрација испратиле повеќе од 100 пожарникари и спасувачи во подрачјето погодено од катастрофата.
Првиот чартер-авион со спасувачки тим пристигнал на аеродромот во градот Шигаце рано утринава.