Lina Altawell
12 Август 2026•Ажурирано: 12 Август 2026
Оман денес ја осуди одлуката на Колумбија да го признае израелскиот суверенитет над окупираната сириска Голанска Висорамнина, оценувајќи ја како прекршување на меѓународното право, јавува Анадолу.
„Оман ја осудува одлуката на Владата на Република Колумбија да го признае суверенитетот на Израел над окупираната сириска Голанска Висорамнина“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.
„Одлуката претставува прекршување на меѓународното право и спротивна е на меѓународните резолуции за легитимност, пред сè, на Резолуцијата 497 на Советот за безбедност на ОН од 1981 година“, се додава во соопштението.
Оман го потврди својот „цврст став дека Голанската Висорамнина е окупирана сириска територија“ и ја изрази својата поддршка за „суверенитетот на Сириската Арапска Република над целата нејзина територија и нејзиното единство“.
Министерството, исто така, ги повика сите земји да се придржуваат до Повелбата на ОН, меѓународното право и релевантните резолуции на меѓународната заедница.
Голанската Висорамнина беше окупирана од Израел за време на војната на Блискиот Исток во 1967 година.
ОН и натаму ја сметаат Голанската Висорамнина за сириска територија, а генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, минатиот месец повтори дека израелската окупација е „целосно неприфатлива“.