Mücahit Oktay
31 Август 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
ЊУЈОРК (АА) - Илјадници отруени риби се исфрлија на брегот на сојузната држава Калифорнија, во западниот дел на САД, јавува Агенција Анадолија (АА).
Особено во заливот Сан Франциско во Калифорнија, забележани се масовни угинувања на риби како резултат на прекумерното загадување на морето и намалувањето на количеството кислород во водата.
„Алгите кои се појавија на почетокот на летото, сега пораснаа и ги зафатија бреговите околу северниот, јужниот и централниот залив Сан Франциско“, се наведува на веб-страницата на волонтерската еколошка организација „Сан Франциско Бајкипер“.

Во соопштението на организацијата се наведува дека алгите кои произведуваат отров со консумирање на кислород во водата предизвикале масовно умирање на десетици илјади риби во заливот Сан Франциско.
Исто така, се додава дека алгите се штетен вид кој „емитува токсини кои можат да им штетат на рибите и дивиот свет, но не претставуваат акутен ризик за луѓето“.

Со оглед на неизвесноста за здравствените ефекти врз луѓето и домашните миленици, граѓаните се советувани да бидат внимателни при јадење риба, особено школки, уловени во подрачја погодени од токсични алги.
„Ослободувањето на пречистената отпадна вода од 40-те пречистителни станици во заливот и отпадниот поток од пет загадени рафинерии за нафта создаваат идеални услови за раст на овие алги“, рече Сехал Чокси-Чуг, директорката на „Бајкипер“.
- Угинати риби се забележани и во езерото Мерит
Слични масовни смртни случаи на риби се откриени во езерото Мерит, познато како „историско засолниште за диви животни“ во Окланд, Калифорнија.
Џеф Тејлор, жител на регионот, во изјавата за дописникот на Агенција Анадолија (АА) рече: „Моментално се соочуваме со голема водена криза на нашата планета Земја. Многу риби угинаа како резултат на големиот број алги кои го украдоа целиот кислород во водата. И птиците кои летаа наоколу, исто така се многу изненадени од оваа ситуација.“

Од друга страна, голем број посетители на езерото Мерит на социјалните мрежи споделија фотографии и видеа од „десетици илјади“ разни видови риби кои се исфрлени на брегот во езерото.
На некои снимки се забележува како рибите во затруената вода се обидуваат да дишат држејќи ги главите на површината на водата.