ВАТИКАН (АА) - Во Ватикан се одржа погребна церемонија за духовниот водач на католиците и претседател на Ватикан, папата Франциск, известува Анадолу.
Мисата одржана на плоштадот „Свети Петар“ за папата Франциск, 266-от поглавар на Католичката црква, кој извесен период се бореше со респираторни проблеми и почина на 21 април, започна во 10:00 часот по локално време, а неговото тело беше носено на рамена до просторот каде се спроведуваше церемонијата.
Погребната церемонија на Папата, на која присуствуваат повеќе од 200 кардинали и 700 епископи и свештеници од Католичката црква, ја водеше деканот на Конклавата, кардиналот Џовани Батиста Ре.
Во својот говор на церемонијата, кардиналот Ре рече дека папата Франциск отсекогаш бил чувствителен во врска со имиграцијата и мигрантите во текот на неговото лидерство и направил „безброј гестови“ кон нив, потсетувајќи дека неговата прва посета била на Лампедуза, остров во Италија кој прима најмногу нерегуларни имигранти.
Зборувајќи дека папата Франциск бил за изградба на мостови, а не на ѕидови, кардиналот Ре истакна:
„Папата отсекогаш повикувал на мир и повикувал на дипломатски решенија за војните, а честопати велеше дека војните се пораз“.
„Папата Франциск секогаш ги завршуваше своите говори со ‘Молете се за мене’, а сега ние од него бараме да се моли за нас“, рече кардиналот Ре.
Претседателот на Големото национално собрание на Туркије, Нуман Куртулмуш, во име на Туркије присуствува на погребната церемонија на папата Франциск.
На церемонијата присуствуваат голем број лидери, како американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот претседател Серџо Матарела, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, украинскиот претседател Владимир Зеленски, шпанскиот крал Фелипе VI, членовите на британското кралско семејство, принцот Вилијам од Велс, британскиот премиер Кир Стармер, италијанската премиерка Џорџија Мелони, палестинскиот премиер Мустафа Мухамед, претседателот на Советот на Европската унија (ЕУ) Антонио Коста, претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш.
За погребот се преземени обемни безбедносни мерки во Ватикан и Рим. Во Рим на должност се наоѓаат 4.000 припадници на обезбедувањето, а за сообраќај е затворен и воздушниот простор за време на погребот. На патиштата што водат до плоштадот се поставени безбедносни коридори и коридори за итни излези.
Канцеларијата за печат на Ватикан ја сподели информацијата дека на погребот на папата Франциск присуствуваат 200.000 луѓе.
Според неговиот тестамент, телото на папата Франциск ќе се погреба не во Ватикан, туку во базилика Голема Богородица (Света Марија Велика), една од четирите главни папски базилики во Рим.
По мисата на плоштадот „Свети Петар“, телото на Папата е пренесено со приватно возило до базиликата Голема Богородица, оддалечена приближно 5 километри.
По напуштањето на Ватикан, погребното возило што со телото на папата до базилика Голема Богородица стигна преку улицата „Виторио Емануеле“, плоштадот „Венеција“, Колосеумот и улицата „Мерулана“.
Гробницата ќе биде отворена за јавни посети во недела откако ќе заврши целата церемонија со погребот во базилика Голема Богородица.
Папата Франциск е погребан во базилика Голема Богородица наместо во базиликата „Свети Петар“, што е прв пат по повеќе од еден век папа да биде погребан надвор од Ватикан.
Погреб надвор од Ватикан за последен пат бил оној на Папата Лав XIII кој бил погребан во базиликата Сан Џовани во Латерано во Рим во 1903 година.
По потекло од Аргентина и вистинско име Хорхе Марио Бергољо, папата Франциск е роден на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, во семејство на работници мигранти.
Бергољо, кој влезе во Црквата во 1958 година и служеше како свештеник, беше прогласен за кардинал во 2001 година.
Патот до изборот на Бергољо за папа беше отворен од ретка околност. Во 2013 година, се случи редок настан во историјата на Католичката црква, кога папата Бенедикт XVI стана првиот папа по 598 години кој се повлече од функцијата, наведувајќи здравствени проблеми.
Папата Бенедикт XVI официјално поднесе оставка од својата функција на 28 февруари 2013 година, земајќи ја титулата „Заслужен“ и отстапувајќи од својата положба.
Бергољо беше избран за 266-ти духовен водач на Католичката црква на Конклавата (папски избор од страна на Советот на кардинали) одржана на 13 март 2013 година, по заминувањето на неговиот претходник, папата Бенедикт XVI. Бергољо, кој го избра името Франциск, по познатиот христијански светец, официјално ја започна својата должност на 19 март 2013 година.
Берголо постави многу нови темели во историјата на Католичката црква. Тој стана првиот папа избран од Латинска Америка, како и првиот папа од језуитскиот ред што го добил името „Франциск“.
news_share_descriptionsubscription_contact
