Kasım İleri
19 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Започнаа разговорите на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, со нивните кинески колеги на Алјаска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во својот говор на состанокот, Блинкен истакна дека со кинеската делегација ќе се разговара за практиките на Пекинг против Ујгурите во регионот Ксинџијанг и за политиките на Кина кон Хонгконг и Тајван.
Блинкен наведе дека со чекорите што ги презема, Кина „му се заканува на светскиот поредок заснован на правила што обезбедуваат глобална стабилност“.
Наведувајќи дека Кина и САД имаат свои политички режими, Блинкен рече дека и покрај овие разлики, двете земји имаат заеднички интереси за климата и глобалната економија.
Од друга страна, Саливан рече: „Не бараме конфликт, но би биле задоволни од силна конкуренција.“
Кинескиот министер за надворешни работи, Јанг Јиечи, изјави дека САД и Кина имаат одговорност за глобалната стабилност.
- Конфронтација меѓу делегациите -
Историскиот состанок меѓу американската и кинеската делегација започна контроверзно. Кинескиот министер за надворешни работи, Јанг, ги критикуваше САД за санкциите кон Хонгконг.
Откако Блинкен рече дека на состанокот ќе ги постави прашањата за сајбербезбедноста, кинескиот министер Јанг рече дека САД се главни во светот во сајберпрекршувањата и додаде: „Не можете да ги обвинувате другите за ова.“
Одговарајќи на обвинувањата на САД кон Кина, Јанг, алудирајќи на САД, рече дека Кина не ги прифаќа инвазиите, соборувањето на режимите и масакрирањето на луѓето од другите земји.
„За САД е важно прво да го сменат својот имиџ и да престанат да извезуваат сопствена демократија во светот. Многу граѓани на Соединетите Американски Држави имаат мала доверба во демократијата во САД“, нагласи кинескиот министер.
Јанг, критикувајќи го говорот на САД за универзалните вредности, рече: „Ниту самите Соединети Држави, ниту западниот свет не го претставуваат меѓународното јавно мислење.“
Наведувајќи дека Кина нема да ги прифати обвинувањата на САД, Јанг истакна дека последните случувања ги ставаат односите меѓу двете земји во досега невидена тешка состојба.
Министерот Јанг, за санкциите на САД кон неговата земја, рече: „Невозможно е да се задави Кина.“
Контроверзии предизвика и намерата на американската страна да ги изнесе медиумите надвор од салата пред да заврши 18-минутниот говор на Јанг.
Кинескиот министер за надворешни работи, Јанг, критикувајќи го изнесувањето на медиумите од салата, рече дека тоа е неправедно кон него.
Американскиот Стејт департмент подоцна соопшти дека делегациите се согласиле да зборуваат по две минути, но дека кинеската страна го прекршила овој протокол.