Riyaz Khaliq Khaliq
05 Октомври 2026•Ажурирано: 05 Октомври 2026
Лидерите од регионот на Пацификот денес се собраа на Фиџи на подготвителни разговори пред Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (КОП31), која следниот месец ќе се одржи во Турција, при што земјата домаќин повика на поголем фокус врз океаните и „сината економија“, јавува Анадолу.
„Океанот и сината економија мора да бидат во центарот на нашите климатски преговори и мораме да ја интегрираме поврзаноста меѓу океаните и климата во тие преговори“, изјави Линда Табуја, министерка за животна средина и климатски промени на Фиџи.
Табуја се обрати на собирот во градот Нади на Фиџи, кој оваа недела е домаќин на пацифичкиот подготвителен состанок за КОП31, пренесе „Еф-би-си њуз“.
Пацифичките заедници „во голема мера зависат од океанот за храна, егзистенција и економска активност, поради што се неопходни поголеми инвестиции во заштитата на океаните и одржливиот развој“, рече таа, повикувајќи на ограничување на глобалното затоплување во рамките на целта од 1,5 степени и нагласувајќи ја потребата климатските финансиски средства побрзо и поправедно да стигнуваат до ранливите заедници.
Табуја изјави дека Фиџи ќе се залага за посилни активности во областа на еколошкиот поморски транспорт, обновливите извори на енергија, одржливото рибарство и зачувувањето на океаните.
„Нашиот океан е клучен за климатското решение, а климатските активности не можат да успеат доколку тој не е во преден план.“
Конференцијата КОП31 на ОН ќе се одржи во медитеранскиот град Анталија, од 9 до 20 ноември.