Zuhal Demirci
08 Септември 2022•Ажурирај: 09 Септември 2022
ЛОНДОН (АА) – Премиерката на Велика Британија, Лиз Трас и германскиот канцелар Олаф Шолц разговараа за потешкотиите во областа на енергетиката и важноста на независност во енергетиката, јавува Агенција Анадолија (АА).
Еден од портпаролите на премиерката истакна дека лидерите разговарале за енергетските предизвици со кои се соочуваат Велика Британија и нејзините европски партнери како резултат на нелегитимната војна на рускиот претседател Владимир Путин.
Нагласувајќи дека и двајцата лидери се согласиле за важноста на флексибилноста и независноста во енергетиката, портпаролот истакна: „Премиерката Трас ја подвлече важноста од зачувување на демократијата и слободата во Европа и заштитата на ранливите земји од економската уцена на Русија.“
Во телефонскиот разговор, Трас, исто така, навела дека двете земји се важни економски партнери и дека е подготвена да ја прошири соработката во полето на одбраната меѓу Велика Британија и Германија.
- „Мој приоритет е одржување на мирот и стабилноста во Северна Ирска“ -
Меѓу другото, во телефонскиот разговор станало збор и за контроверзниот северноирски протокол, кој предизвика тензии меѓу Велика Британија и Европската Унија.
„За протоколот за Северна Ирска, премиерката Трас беше јасна дека нејзин приоритет е одржување на мирот и стабилноста во Северна Ирска и поддршка на договорот од Белфаст. Трас ја истакна важноста од изнаоѓање решенија за основните проблеми во сегашната форма на текстот на протоколот.“