Burç Eruygur
16 Септември 2025•Ажурирај: 17 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот државен секретар Марко Рубио денес навести потенцијална средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега Владимир Зеленски во Њујорк следната недела, јавува Анадолу.
Рубио, во разговорот со новинарите пред да замине од Тел Авив за Доха, тврдеше дека „ниеден лидер во светот“ не направил повеќе од Трамп за да ја заврши тековната војна меѓу Русија и Украина, велејќи дека американскиот претседател имал повеќе средби со Зеленски, „веројатно вклучувајќи ја и средбата следната недела во Њујорк“.
Рубио рече дека прави „сè што е можно“ за да се стави крај на над тригодишната војна и дека тесно соработува со партнерите на Вашингтон во Европа за безбедносни гаранции, за кои тврди дека ќе бидат „неопходни во секое договорено решение“.
„Тој ќе продолжи да се обидува. Доколку е возможен мир, тој сака да го постигне. Во одреден момент претседателот може да заклучи дека тоа не е возможно. Тој сè уште не е таму, но би можел да стигне до таа точка“, продолжи Рубио.
Тој тврдеше дека Трамп е единствен лидер во светот што може да разговара со Зеленски, рускиот претседател Владимир Путин и Европа.
„Ако некако се откаже од ова или ја санкционира Русија и каже: 'Готово е', тогаш во светот нема никој што би можел да посредува за да се стави крај“, додаде тој.
Светските лидери се собираат во Њујорк на 80. заседание на Генералното собрание на ОН. Општата дебата ќе биде отворена на 23 септември и ќе трае до 29 септември.
Трамп ги предводеше напорите за ставање крај на војната во Украина уште од почетокот на својот втор мандат во јануари.
Тој се сретна со Путин на Алјаска на 15 август, но не успеа да постигне напредок. Се вели дека пречките за потенцијален договор се несогласувањата околу безбедносните гаранции за Украина и размената на територии со Русија која, според процените, контролира околу 20% од украинската територија.