Elena Teslova
15 Март 2023•Ажурирај: 16 Март 2023
МОСКВА (АА) - Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, изјави дека американското беспилотно летало собирало извидувачки податоци со цел да ѝ бидат пренесени на Украина за напади кон Русија, јавува Анадолу.
Антонов рече дека вчера е повикан во американскиот Стејт департмент по падот на американското беспилотно летало на Црното Море, при што ги отфрлил сите инсинуации упатени од американската страна.
Пентагон вчера ја обвини Русија за небезбедно пресретнување на американскиот дрон „МQ-9 рипер“ на Црното Море, што предизвикало соборување на беспилотното летало.
„Американското беспилотно летало рамномерно и провокативно се движело во насока на руските територии со исклучени транспондери и ги прекрши границите на привременото забрането подрачје воспоставено со цел изведување на специјални воени операции“, наведе рускиот амбасадор Антонов.
Антонов рече дека руските борбени авиони не користеле оружје за соборување на дронот и дека на никој друг начин не дошле во контакт со леталото.
Тој изрази загриженост поради „неприфатливите активности на американската војска“ во близина на руската граница.
„Што прават дронови илјадници километри далеку од САД? Одговорот е очигледен, собираат разузнавачки податоци, што киевскиот режим подоцна ги користи за напади врз нашите вооружени сили и територии“, рече Антонов.
Амбасадорот Антонов рече дека доколку руски борбен дрон се појави во близина на Њујорк или Сан Франциско, акцијата на американската војска би била од бескомпромисна природа, не дозволувајќи никаква повреда на воздушниот или поморскиот простор.
„Очекуваме САД да се воздржат од понатамошни шпекулации во медиумите и да ги прекинат летовите во близина на руската граница. Сите активности што вклучуваат користење американско оружје и опрема ги доживуваме како отворено непријателски“, нагласи Антонов.
Амбасадорот Антонов посочи дека Русија не тежнее кон судир и дека се залага за прагматична соработка во интерес на народите на Русија и САД.