Associated Press
28 Мај 2023•Ажурирај: 29 Мај 2023
ДУБАИ (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) и Саудиска Арабија ги повикаа завојуваните страни во Судан да го продолжат примирјето што истекува во понеделник, јавува Анадолу.
Суданската војска и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), кои се борат за контрола на Судан од средината на април, се согласија на седумдневен прекин на огнот минатата недела со посредство на САД и Саудиска Арабија. Сепак, прекинот на огнот не ги спречи борбите во главниот град Картум и во други области на земјата.
САД и Саудиска Арабија во неделата наутро повикаа на продолжување на сегашниот прекин на огнот, кој истекува во 21:45 часот по локално време во понеделник.
„Иако не е совршено, продолжувањето на примирјето ќе ја олесни испораката на итно потребната хуманитарна помош за суданскиот народ“, се вели во заедничката изјава на двете земји.
Конфликтните страни се поканети да ги продолжат преговорите.
Најмалку 863 цивили се убиени во Судан, а илјадници се ранети во борбите меѓу суданската армија и РСФ од 15 април.
По првите разговори во Саудиска Арабија, војската и РСФ потпишаа декларација за посветеност за заштита на цивилите во Судан на 11 мај. И покрај договорот, судирите продолжија меѓу двата воени ривала, особено во главниот град Картум.
Судан е без функционална влада од октомври 2021 година, кога војската ја собори преодната Влада на премиерот Абдала Хамдок и прогласи вонредна состојба во потег што политичките сили го осудија како државен удар.