Ekipa
16 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ НАТО внимателно ја следи ситуацијата на украинската граница, но сè уште не видело никаков знак за деескалација од Русија, изјави денеска генералниот секретар Јенс Столтенберг, јавува Агенција Анадолија (АА).
„НАТО слушна од Русија дека сака да ги продолжи разговорите, но досега не видовме никаква деескалација на теренот“, изјави Столтенберг за новинарите пред почетокот на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО.
„Напротив, се чини дека Русија го продолжува военото засилување и не добивме никаков одговор на писмениот документ или на писмените предлози што ги испративме до Русија на 26 јануари“, додаде тој.
„Она што треба да го видиме е вистинско повлекување на силите, кое е трајно и реално, а не дека тие ги преместуваат трупите наоколу. Но, повторно следиме, навистина се надеваме дека ќе ги повлечат силите и тоа ќе биде најдобриот придонес за политичко решение“, истакна Столтенберг.
Тој појасни дека тешката опрема и борбените помагала, исто така, треба да се отстранат од граничната област за „вистинско повлекување“, бидејќи трупите може да се прераспоредат „многу лесно и брзо“.
Во вторникот Русија објави дека некои од нејзините војници во западните и јужните воени области почнале да се враќаат во гарнизоните по воените вежби.
Столтенберг се осврна и на документот во кој НАТО ги отфрли руските барања за повлекување на војниците и оружјето од Источна Европа и запирање на трансатлантската интеграција на Украина и ја покани Русија да ги продолжи разговорите за контрола на вооружувањето и воената транспарентност во рамките на Советот НАТО - Русија.
Во писмото испратено до рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, минатата недела, Столтенберг ја повтори поканата за повторно започнување на преговорите.
Шефот на НАТО изрази надеж дека Русија ќе ја избере дипломатијата наместо конфликтот и нагласи дека НАТО останува „подготвен да седне и да најде политичко решение“.
За време на дводневниот состанок, министрите за одбрана на НАТО ќе разговараат за плановите за зајакнување на југоисточниот дел на Алијансата, вклучително и за распоредување на борбена група во Романија и борбени бродови во регионот на Црното Море.
Министрите ќе разговараат и со украинските и грузиските колеги, како и со претставници од Европската Унија, Финска и Шведска.
Во 2014 година, Москва почна да ги поддржува сепаратистичките сили во источна Украина против Централната влада, политика што ја одржуваше во изминатите седум години.
Во вторникот, руската Државна дума, Долниот дом на Парламентот, гласаше за признавање на отцепените украински региони Доњецк и Луганск како независни држави.
Соединетите Американски Држави со своите европски сојузници, од ноември минатата година предупредуваат дека Русија се подготвува за агресија кон Украина, откако Москва, според украинските власти и НАТО, собрала над 100.000 војници и тешка опрема во и околу својот сосед.
Русија негира дека се подготвува да изврши инвазија и ги обвини западните земји дека ја поткопуваат нејзината безбедност преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.