Michael Hernandez
19 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на Пентагон веднаш да започне со работа за формирање на шестата воена служба која ќе обезбеди американска доминација во вселената, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кога е во прашање одбраната на Америка, не е доволно да се има американско присуство во вселената, туку мораме да имаме американска доминација“, изјави Трамп во Белата куќа.
Трамп, исто така, нагласи дека вселенските сили ќе бидат подеднакво силни како и воздушните сили.
„Ќе имаме вселенска сила. Ќе имаме воздушни сили, а исто така ќе имаме и вселенски сили, одвоени, но подеднакво силни“, додаде Трамп.
Податоците за тоа што ќе вклучува новата служба и кои ќе бидат нејзините задачи остануваат нејасни. Трамп прв пат ја претстави идејата за новата вселенска програма во мај. Воздушните сили традиционално се задолжени за одбрана на вселенскиот простор, и нејзините припадници не беа воодушевени со идејата за посебните вселенски сили.
Конгресот ќе треба да го потпише формирањето на независни вселенски сили за да стане таа служба официјално посебна.
Трамп вети враќање на Месечината и мисија на Марс.
„Економски, воено, научно, во секој поглед нема место како вселената. Суштината на американскиот народ е да истражува нови хоризонти и да поместува граници, но нашата судбина надвор од Земјата не е само прашање на националниот идентитет, туку работа на националната безбедност“, додаде Трамп.