Aldijana Hadzic
24 Август 2022•Ажурирај: 25 Август 2022
КИЕВ (АА) – Поради стравувањата дека Русија може да изврши напад врз Киев, немаше јавни прослави по повод 31-годишнината од независноста на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откажана е и воената парада, која претходните години се одржуваше во главниот град.
Украина вчера забрани јавни прослави поради стравот од руски напади.
„Забранети се и поголеми собирања и во Киев од 22 до 25 август“, соопшти градската управа.
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, ја повика јавноста да биде внимателна.
„Можни се руски провокации и брутални напади“, предупреди Зеленски.
Тој ја повика јавноста да ги почитува правилата за безбедност, вклучително и полицискиот час.
„Обрнете внимание на сирените за бунт. Внимавајте на официјалните соопштенија и не заборавајте: оваа победа мора да ја постигнеме заедно!“, рече Зеленски.
И покрај предупредувањата за можен руски напад, голем број Украинци се собраа денеска во Хрешчатик, Киев, каде што се изложени руски тенкови и мобилна артилерија.
Одредени Украинци излегоа на улиците облечени во традиционални носии и носејќи украински знамиња.
„Пред шест месеци Русија ни објави војна. На 24 февруари цела Украина слушна експлозии и истрели. Потоа, на 24 февруари ни рекоа: ’Немате шанса!‘ Ние на 24 август велиме: Среќен Ден на независноста, Украино!“, рече Зеленски во пораката по повод Денот на независноста.
Русија ја започна војната против Украина на 24 февруари 2022 година. Според податоците на ОН, досега најмалку 5.587 цивили се убиени, а 7.890 се ранети, со индикации дека вистинскиот број може да биде многу поголем.