Talha Yavuz
25 Февруари 2022•Ажурирај: 26 Февруари 2022
КИЕВ (АА) ‒ Сирените кои означуваат воздушен напад повторно се огласија во Киев, главниот град на Украина, на вториот ден од руската операција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сирените се огласија во 14:33 часот по локално време и траеја околу две до три минути. Сирените се огласија и во утринските часови.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека во некои делови од градот се слушаат експлозии и пукотници, а Украинската армија ги уништува руските диверзантски групи, додавајќи дека некои диверзантски групи влегле во главниот град.
Истакнувајќи дека поради таа причина градот влегол во фаза на одбрана, Кличко ги повика сите што можат да го заштитат градот да помогнат во одбраната на Киев.
Кличко препорача и складирање на вода и храна, апелирајќи до граѓаните да останат во своите домови или засолништа.
При пад на ракети во руската воена операција оштетени се некои станбени единици и ранети се осум цивили.
Вооружените сили на Украина соопштија дека руските сили ја неутрализирале диверзантската група во киевската област Оболон.
Исто така, истрели се слушнати и во близина на владините згради во Киев.
По настаните на плоштадот „Мајдан“ во Киев, Украина, во 2014 година, на власт дојде прозападна Влада, а тогашниот претседател Виктор Јанукович побегна од државата. Русија тогаш незаконски го анектира Крим. Сепаратистите прогласија таканаречена управа во регионите Доњецк и Луганск, каде што мнозинството од населението е со руско потекло. Потоа избувнаа крвави судири меѓу проруските сепаратистички сили и украинската војска.
Договорите во Минск беа потпишани во 2014 и 2015 година со посредство на западните сили. Меѓутоа, кршењето на примирјето продолжи. До февруари, во судирите загинаа околу 14.000 луѓе.
Русија го сврте вниманието на јавноста со тоа што кон крајот на 2021 година почна да распоредува десетици илјади војници на границата со Украина. Соединетите Американски Држави тврдеа дека Русија се подготвува за инвазија, но официјална Москва упорно негираше. Додека западните земји ѝ се закануваа на Русија со санкции, Московската администрација ги призна сепаратистичките власти во Донбас и на 24 февруари започна воена операција на територијата на Украина.
Рускиот лидер Владимир Путин ја повика Украинската армија да го остави оружјето, тврдејќи дека целта на Москва е „да ги заштити луѓето изложени на геноцид од Киев и да ја исчисти Украина од нацизмот и милитаризмот“.