And Demir
07 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
ХЕЛСИНКИ (АА) - Финската министерка за внатрешни работи, Марија Охисало, ја критикуваше Грција поради одлуката да запре со приемот на барања за азил, додавајќи дека тоа е погрешен пристап кон мигрантите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Иако Европската Унија (ЕУ) ја поддржува Грција, Охисало рече дека Атина направила грешка во начинот на постапување кон азилантите.
„Ако го разгледаме меѓународното право од поширок агол, очигледно е дека во таа смисла направена е грешка. Барањата за азил мора да се прифатат под сите услови“, рече финската министерка.
Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (OHCHR), вчера исто така соопшти дека Грција нема право да го сопре приемот на барањата за азил.
Лиз Тросел, портпаролката на ОХЦХР, за новинарите во Женева изјави дека таквото постапување нема никаква основа во меѓународното право.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на 1 март изјави дека неговата земја во наредниот месец нема да ги прифаќа барањата за азил по дводневните судири помеѓу граничната полиција и повеќе илјади луѓе кои се обидуваат од Турција да влезат во Европската Унија (ЕУ).
Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), на 2 март исто така соопшти дека Грција нема право да го стопира приемот на барањата за азил.