Necva Taştan Sevinç
17 Септември 2025•Ажурирај: 18 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Финскиот претседател Александар Стуб денес го осуди копнениот напад на Израел врз Газа, опишувајќи го како кршење на меѓународното право и норми, пренесува Анадолу.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со латвискиот претседател Едгарс Ринкевич во Рига, Стуб рече дека меѓународната заедница „не успеала да ја контролира ситуацијата“ во Газа, објави „ЈЛЕ њуз“.
„Нападот ги прекршува меѓународното право и нормите“, нагласи тој.
Израелската војска претходно вчера потврди дека започнала офанзива врз градот Газа, велејќи дека целта биле позициите на Хамас.
Политички поделената Влада на Финска се бори да се согласи за единствен став.
Стуб претходно зазеде поцврст став во врска со конфликтот од коалициската Влада од четири партии во Хелсинки.
Во јули, тој рече дека ќе одобри признавање на палестинската државност доколку Владата поднесе таков предлог, истакнувајќи дека претседателот ја надгледува надворешната политика во соработка со Владата според Уставот на Финска.
Финскиот и латвискиот претседател разговараа и за војната на Русија во Украина, упадите со беспилотни летала над Полска и регионалната одбранбена соработка.
Стуб рече дека е „многу малку веројатно“ руските беспилотни летала што минатата недела влегоа во воздушниот простор на Полска да го сториле тоа случајно.
„Мора да го очекуваме неочекуваното“, рече Стуб, додавајќи дека Москва ќе продолжи да го тестира Западот „на еден или друг начин“.
Ринкевич ги повика членките на НАТО да ги зајакнат механизмите за борба против заканите од беспилотни летала, додека Стуб предвиде дека соработката меѓу нордиските и балтичките држави, кои сега се членки на НАТО, дополнително ќе се продлабочи.